петак, 31. август 2012.

ПОЖАРАНСКИТЕ  ВОДОПАДИ

Длабоко долу,  во живописниот кањон на Пожаранска Река , тишината царува. Само шумолењето на листовите од гранките, повремената песна на планинските птици и татнежот на водопадите ја нарушува ваквата идила.
Вистината за постоењето на овие водопади е многу малку позната но сепак реална, затоа како што и ветивме, тргнавме кон едно ново патешествие - патот кој води до  Пожарански водопади наречени „БИСЕРИ“.  
Местоположбата на водопадите
Иако, до овие водопади може да се пристигне од неколку приоди, се одлучивме да тргнемe по најнепристапниот и за нас неизвесен пат кој што од селото, преку месноста „Лички Камен“ . потоа „Солишта“, „Чедроњивjе“ „Булина Чешма“  „Леништа“ и карпестиот дел на „Репуше“ , води до самото место.
Патеката по која се движевме и која на самиот нејзин почеток беше широка и проодна дури за теренско возило,  при влезот во месноста „Леништа“ едноставно престана да постои односно исчезна од пред нас. Затоа, натамошното движење кон целта се покажа како голем предизвик за нас. 
Патот по кој се пробивавме до водопадите

Се движевме по сув терен со бујна вегетација, на моменти се среќававме со непроодни места што мораше да бидат заобиколени, но по некое време, спуштајќи се по стрмната и густа шума во која се чинеше дека одамна никој не поминал, успеавме да истераме до доле, до самиот кањон на реката. Се протнувавме низ гранки, корење, трње, почва што пропаѓаше со секој следен чекор. На крајот, некако успеавме да се пробиеме и до самото подножје на Пожаранските водопади.
Секако, таму се фотографираа само убави нешта...
Пејсажи од речниот кањон и воедните каскади




Желбата да се видат водопадите од нивната непосредна близина од нашите тела го потиснуваше заморот кој веќе не имаше обземено и беше повеќе од очигледен.
По краткиот одмор направен покрај еден од живописните слапови на реката, продолживме да се движиме нагоре, по нејзиното течение , од левата страна на речното корито. После околу два часа севкупно напорно одење, пред нас  се појавија најнапред двата помали, а потоа и големиот Пожарански водопад , од која глетка за момент и здивот застанува... Едноставно занемувате пред убавината што се отвара, што се нуди пред вашите очи.

ГОЛЕМИОТ БИСЕР
 Неговата височина изнесува околу 15 м, и како таков е најгомем по течението на оваа река. Водата на овој водопад, која вртоглаво паѓа по каменото корито, во подножјето силно удира на една камена плоча, од која се распрснуваат билиони водени капки правејќи водена завеса. Тука, во завесата од водената прашина на водопадот, температурата е околу дваесетина Целзиусови степени, па можете слободно да се разладите па дури и избањате .   
Инаку водопадот е тешко пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. На педесетина метри надолу по течението на реката, распоредени во низа со височина од 3 до 5 метри има уште два помали водопади кои го надополнуваат амбиентот. Секој од нив има сопствена убавина по која се одликува.
СРЕДНИОТ БИСЕР
МАЛИОТ БИСЕР
 На ова место,  долината на Пожаранска Река е тесна и скоро вертикална со изглед на мал кањон. Oд лево и десно  високи карпи до триесетина метри, со појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање. Сето ова, надополнето со свежата и пријатна клима, чистиот воздух, зеленилото и бујната вегетација, прават посетата на овој простор да биде особено и неповторливо доживување кое долго ќе се памети како и  интересна рута за планинарење.
Оваа убавина може да се доживее само доколку се види од близу и никако поинаку, беше коментарот на еден од моите соговорници.  Тука, зборовите не се потребни, тие можат само да и наштетат на убавината. Мора да се направат напори до овој водопад де се пробие односно направи безбедна пешачка патека како би можело полесно да се стигне до самиот водопад“- прокоментира вториот мој соговорник. Вака, водопадот би останал далеку од очите на јавноста, кое нешто би преставувало огромна штета како за сите љубители на прородните убавини така и за село Пожаране кое го нуди сето тоа.
По измнинатите повеќе од еден час на одмор и другарување со водопадите на Пожаранска Река, го напуштивме ова место, овој пат движејќи се по една многу полесна патека која се протега низводно, долж течението на реката  од нејзината десна страна, при тоа движејќи  се така се до Пожаранската стара воденица, а од таму продоживме да се движите по широкиот земјен пат кој многу полесно и побезбедно ќе Ве  одведе право до село Пожаране.
                             -Екипата која работеше на реализација на проектот
 
До скорото јавување од некоја друга атрактивна локација на ова село, читателите на овој блог топло и искрено ги поздравуваме .

_____________________
  Боге Војноски-автор на текстот

 Преостанати блогови за село Пожаране: